Inace do sega ne sum sretnal,no pred nekolku dena ja vidov prvata salam recenzija celosno opfaten i opisan albumot na Stihoven Kalibar..pa ke ja pastiram ovde :
Стиховен Калибар - In Medias Res ангажирани рафали кои ја сузбиваат хипокризијата-----АЛЕКС БУКАРСКИ
Еминем кон крајот на 90тите не само што стана mainstream, бидејќи претходно, mainstream рапери беа Dr. Dre, Wu Таng-clan, Puff Daddy и други, туку овој рапер можеше да се мери во популарност со музичките изведувачи на поп-музиката.
Тоа несомнено преку MTV и останатите глобализациски трабанти кои го креираат светскиот вкус, силно влијаеше во Македонија, напоредно со интернет експанзијата да се создаде хиперпродукција во рап музиката.
Во таа општа калакурница, малку кој успеа да се одржи како континуитет и да се издвои како квалитет, а некои од mainstream раперите во Македонија, како прави помодари, брзо заборавија на рапот и преминаа во безбедниот лигав поп.
Псевдонимот Стиховен Калибар и покрај милитантната поетика, само на прв поглед може погрешно да ве наведе дека се работи за Gangsta рап.
Албумот
In Medias Res на Горан Јанкуловски a.k.a Стиховен Калибар се чини е алмехиска кројка од две "идеолошки" компотенти како Old School правецот од раните 80тите и политичкиот рап од 90тите.
Иструменталките и нивната подлога се потпираат на џемсбрауновска фанк позадина и џез, но она што мене често ме остава без здив е фината мелодична линија.
Очигледно е дека и покрај тоа што текстот е главното во рапот, Стиховен Калибар не начукал семплови туку-така, туку јасно е дека тоа е направено мошне професионално, рафинирано и одмерено така што музиката и текстот делуваат прилично хармонично, композитно и складно.
Кога сме кај текстовите веднаш на прво слушање се гледа дека тие не страдаат од она што е маана на повеќето македонски рап текстови, од банални и излитени рими "мета-лета, води-роди, млак-јак, потоа очигледна е употребата на библиски термини како "сатана", "армагедон", "пророк"... кои се употребени во лаконски манир и блејковска поетика (по Вилијам Блејк) на христијанската метафорика која укажува на вечниот, непроменлив и чист морал.
Релативниот лесен јазик се употребува без претерано интелектуализирање, во смисол, авторот не сака да остави "препаметен" впечаток, ретки се афектирањата а сепак се осеќа бурен темперамент и енергичност лишена од вишок и неартикулиран гнев.
Стиховен Калибар пее со извесна духовност, така што на слушателот му овозможуваат тој во потполност да се идентификува со интерпретаторот, без притоа да се чувствува дека тој е над него, дека му попува или забегува во трипање.
"Old School" влијанието на раперските класици Public Enemy е највидливо во темите за политиката и медиумите.
Кога сме кај раперските постулати лично сметам дека не мора да биде доследен на традицијата во поглед на хомосексуалците, не заради друго, туку затоа што тоа се коси со останатите критики за газење на потиснатите малцинства од секаков вид.
Изразен е силниот антикомунизам, не толку во антимарксистички контекст колку критика на камелеонството и новокомпонираните "либерали и капиталисти" но тоа автоматски не значи дека Стиховен Калибар е нежен и попустлив кон македонскиот транзициски капитализам чие крешчендо се наоѓа во конзервативниот евро-скептицизам. ("Сите сакавте Европа е па ете ви ја дома", Жртви)
Токму таа песна "Жртви" е една од најтрогателните на дискот. Во неа се пее за две трагични судбини на две млади момчиња кои доаѓаат од различни социјални потекла и класи од нашето маало.
Заради општествените околности и лековерноста пoстануваат нарко-зависници и набрзо завршуваат фатално. ("Колку си заминаа а уште колку и ќе одат/Гледам нова жртва од системот и од дрога")
Стиховен Калибар овде успеал да не падне во стапицата на морализирање или сожалување.
"Мазохисти" е би рекол "фолклорна" песна за менталитетот, за подаништвото, дефетизмот, ("се сменија многу системи, суштината е сеуште иста а ти сеуште уште еден мазохиста") во тој контекст се надоврзува песната "Пирамида" која алудира на фалшливата општествената хиеархичност на која морално сомнителни типови брзо се искачуваат додека на робовите кои се долните скали и дното товарот за носење им се потежок и понеподнослив. ("Нација поделена во омраза и фрустрација/Апсолутна контрола и Вавилон цивилизација")
Меланхолијата, малодушноста и благиот песимизам се одлики кои провејуваат во скоро сите песни, но баладичната "Пробај замисли" (гости Spirit Blokovski и Џака Накот) е најоптимистичка, пропратена со детски идеализам и утопизам. Урбаноста е крунисана во песната "Кога возам во Скопје" каде се чувствува пародијата на типовите кои слушаат гласна музика во автомобилите и глумат "црнци", но секако тоа не е единствената димензија на оваа песна.
"Доаѓам од градот со најлоша култура" и "стари Скопјани од дебар маало и маџар мало" е шлаканица локал-фашизмот и "староскопскиот ројализмот" без кредит.
Ова песна ме потсети на Тони Зен, неговиот ривал, милениче на македонските медиуми, кој во слична песна на "скопска" тематика пее: "Јас сум негов, и Скопје е мој град/Животот е пред мене ха, уште сум млад", а на оваа медиокритетност "реплицира" гостинот Видо со стихот "Во овој град бе брат тапа е да си млад/Во овој град бе брат не може да возиш раат".
"Јавниот непријател" е најуспешен дует со RNS - еден од најамбициозните и најнадежните рапери во Македонија.
Оваа песна е своевиден пресек на целиот албум, но заедно со "ТВ Дрога" каде одлично се надоврзуваат стиховите на српски на гостинот Fast Flowz од Србија се разобличуваат и раскринкуваат "програмските шеми" на корумпираните медиуми.
Во "Совест" раскажува за лошите искуства со лажните пријатели, а уште поизразено автобиографска е "Патешествие", "химна" на бескомпромисието каде се трага по вистината и каде бродот тоне но и понатаму се стои на кормилото.
После "Жртви" за дрогата, "Лас Вегас" е најдобра ангажирана песна, каде се пее за општонародната хистерија за коцка, "Рап ветерани" со рап пионерот Џака Накот е лекција за рап-историјата во Македонија и погодна за млади слушатели кои го туку што го откриваат рапот.
На "Добро утро џезери" гостува џезерот од Беркли, Георги Шарески и таа секако е најџез песна и повеќе од успешен спој и експеримент.
Важно е да се напомене дека Стиховен Калибар е ретко етичен хип-хоп артист.
Тој не ја глорификува употребата на дроги, порочноста, не праќа неодговорни пораки, но очекувам најпосле да отпее песна за последиците од алкохолот, за да отпаднат сомневањата дека се крие зад маалско-коперациски хипокрити кои дрогите ги напаѓаат со тешка сласт додека џигерот им се распаѓа од алкохоличирање.
Сега веќе првите македонски "партизански" рап слушатели, екс изведувачи и останати вљубеници ќе ги сретнете како демагошки серат дека САФ се ненадминливи, заборавајќи дека САФ се 90ти, а денес се други времиња, нови времиња во кои Стиховен Калибар и пријателите на музички план силно доминираат.
In Medias Res е албум кој музички и "иделошки" ја заокружува цела оваа уметнички сушна деценија, најавувајќи го почетокот на крајот на транзицијата.
АЛЕКС БУКАРСКИ
http://bukarski.blog.com.mk/node/168382