САД ќе упатат уште еден притисок кон Атина, пишуваат грчките медиуми. Доколку јужниот сосед не попушти, Македонија ќе ја напушти при- времената спогодба и ќе го добие спорот во ОН.
Вашингтон го презема следниот чекор за решавање на спорот Атина-Скопје за името, што би можело да го отвори патот за присоединување на Македонија кон НАТО, пишува денеска грчкиот весник “Катимерини“, како што пренесува Нетпрес.
Дипломатски извор за Катимерини наведува дека Атина е подложена на американски притисок, што е причина министерот за надворешни работи на Грција да се сретне и со македонскиот претседател, Бранко Црвенковски, откако веќе оствари средба во Париз со министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
„Неофицијално преговорите беа поставени на повисоко ниво, иако двете страни тврдат дека имаат доверба во специјалниот посредник на ООН за спорот со името, Метју Нимиц“, се вели во текстот.
Притисокот од страна на Вашингтон, пишува уште Катимерини, се очекува да продолжи и во наредните денови, со што би можело да се охрабрат Македонците да ја прекинат времената спогодба со Атина и да се предизвика гласање во Генералното собрание на ООН со барање ПЈРМ да биде признаена под уставното име.
„За одобрување на ова барање, треба да се добијат 2/3 од гласовите, односно да гласаат 128 од 192-та члена на Генералното собрание. Скопје тврди дека е признаено од 124 држави, при што следствено на тоа, ако се земе предвид помошта на САД, нема да биде тешко да се соберат 128 гласа“, појаснува весникот.
„Потоа треба да биде свикан Советот за безбедност, за да ја замени резолуцијата врз која се базира времената спогодба. За тоа се неопходни 9 од гласовите на 15-те члена, меѓу кои и петте на постојаните членки на советот за безбедност.“
„Тука Атина смета на Франција, која е единствената од петте членки на Советот, која не го признала уставното име на БЈРМ. Друга можност е прашањето да се постави на Генералното собрание, а генералниот секретар на ООН, прифаќајќи ја безизлезноста, да испрати извештај директно до Советот за безбедност, посочувајќи дека процесот не дал резултати и Советот да реши дали да ја промени резолуцијата“, пишува Катимерини.